Во рамките на Програмата за градење капацитети на Граѓанскиот ресурсен центар, проект финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Македонски центар за меѓународна соработка во партнерство со АДИ од Гостивар и Медиа плус од Штип, Лилјана Алчева спроведе две обуки: Мобилизирање на ресурси на 7-8 февруари 2019г. и Тематско вмрежување, партнерство и коалиции која беше спроведена на 27 и 28 февруари 2019г. И двете обуки изобилуваа покрај со теоретските презентации, со практични примери и вежби потребни за успешно оперативно функционирање, но и мобилизирање на фондови од страна на граѓанските организации. Практичното искуство на обучувачот и реалните примери и студии на случај, како и практичните алатки кои им беа претставени на учесниците во обуките, наидоа на одличен прием и беа оценети како исклучително корисни за присутните.
Целта на обуката „Мобилизација на фондови“ беше да се запознаат избраните организации со различните можности за финансирање на граѓанските организации, како и различните методи, техники и алатки за подготвување на стратегии и планирање на активности за мобилизирање на ресурси. За успешноста на обуката говори фактот дека сите 21 учесници од граѓанските организации кои учествуваа, дадоа високи оценки за сите аспекти на обуката: од навремено испраќање на покана, до остварување на целите на обуката и квалитетот на обучувачот. Како најкорисни делови од обуката беа истакнати практичните вежби и комплементарноста на темите, а голем дел од учесниците ја истакнаа и корисноста од SWOT матрицата која беше презентирана како алатка за стратешко планирање на ресурси.
На обуката за „Тематско вмрежување, партнерство и коалиции“, 18-те учесници имаа можност да се запознаат со различните можности за соработка во граѓанскиот сектор, градење на партнерства меѓу граѓански организации, со компании и јавни институции, како и различните методи, техники и алатки за комуникација, одржување на партнерски релации и коалицирање. Учесниците со високи оценки ги оценија постигнувањето на целите на обуката, можностите за интеракција меѓу учесниците и со обучувачот, како и можноста за споделување на знаења. Голем број на учесници сметаат дека со обуката ги зголемиле сопствените знаења и вештини за темата вмрежување и партнерство и дека искуствата и наученото од обуката ќе ги споделат со другите членови во нивните организации.