Обука за „Менаџмент на граѓанските организации“

Објавено на 22.06.2010 од Maja Baric

Во рамките на регионалниот проект “Техничка поддршка за граѓанските организации“, кој се спроведува во земјите од т.н. Западен Балкан  и Турција и е финансиран од Европската Унија, беше организиран циклус на обуки на тема “ Менаџмент на граѓанските организации“.

Лилјана Алчева од Прима Менаџмент Консалтинг, Македонија,  заедно со Ирма Алпендитзе од МДФ, Холандија успешно го испорачаа овој циклус на обука.

Во периодот февруари – мај 2010 г., дваесетина претставници на граѓанските организации од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Турција стекнаа знаења и вештини од областа на раководење со граѓански организации и се оспособија да испорачаат слична обука за потребите на TACSO проектот во нивните матични земји.

Циклусот на обука се одвиваше во три фази:

1. Основна обука за раководење, каде низ тридневна работилница учесниците се запознаа со концептите на организацискиот менаџмент и техниките за организациска анализа;

2. Индивидуална задача, при што секој од учесниците требаше да ги употреби техниките за организациска анализа на конкретен пример, најчесто својата организација, под менторство на обучувачите;

3. Обука за обучувачи, каде низ дводневна работилница учесниците се запознаа со техниките на испорачување обука.

Според оценките на учесниците, обуката ги постигна своите цели и тие стекнаа знаења, вештини и разбирање за да испорачуваат обука и работилници на теми од организацискиот менаџмент.