Обука за корисниците на Граѓанскиот ресурсен центар во Македонија

Објавено на 01.03.2019 од Liljana Alceva

Во рамките на Програмата за градење капацитети на Граѓанскиот ресурсен центар, проект финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Македонски центар за меѓународна соработка во партнерство со АДИ од Гостивар и Медиа плус од Штип, Лилјана Алчева спроведе две обуки:  Мобилизирање на ресурси на 7-8 февруари 2019г. и Тематско вмрежување, партнерство и коалиции која беше спроведена на 27 и 28 февруари 2019г. И двете обуки изобилуваа покрај со теоретските презентации, со практични примери и вежби потребни за успешно оперативно функционирање, но и мобилизирање на фондови од страна на граѓанските организации. Практичното искуство на обучувачот и реалните примери и студии на случај, како и практичните алатки кои им беа претставени на учесниците во обуките, наидоа на одличен прием и беа оценети како исклучително корисни за присутните.

Целта на обуката „Мобилизација на фондови“ беше да се запознаат избраните организации со различните можности за финансирање на граѓанските организации, како и различните методи, техники и алатки за подготвување на стратегии и планирање на активности за мобилизирање на ресурси. За успешноста на обуката говори фактот дека сите 21 учесници од граѓанските организации кои учествуваа, дадоа високи оценки за сите аспекти на обуката: од навремено испраќање на покана, до остварување на целите на обуката и квалитетот на обучувачот. Како  најкорисни делови од обуката беа истакнати практичните вежби и комплементарноста на темите, а голем дел од учесниците ја истакнаа и корисноста од SWOT матрицата која беше презентирана како алатка за стратешко планирање на ресурси.

На обуката за „Тематско вмрежување, партнерство и коалиции“,  18-те учесници имаа можност да се запознаат со различните можности за соработка во граѓанскиот сектор, градење на партнерства меѓу граѓански организации, со компании и јавни институции, како и различните методи, техники и алатки за комуникација, одржување на партнерски релации и коалицирање. Учесниците  со високи оценки ги оценија постигнувањето на целите на обуката, можностите за интеракција меѓу учесниците и со обучувачот, како и можноста за споделување на знаења. Голем број на учесници сметаат дека со обуката ги зголемиле сопствените знаења и вештини за темата вмрежување и партнерство и дека искуствата и наученото од обуката ќе ги споделат со другите членови во нивните организации.