Социјален капитал

Објавено на 06.01.2010 од Maja Baric

Автор Лилјана Алчева

Што е социјален капитал?
Социјалниот капитал е аналогија на финансискиот капитал. Тоа е фонд од ресурси кои се на располагање на поединецот и го овозможуваат “движењето” низ личната и професионалната мрежа. Овој фонд се состои од добра волја, соработка, доверба, информации, емоционална поддршка, моќ и влијание (Роберт Крамер, Америцан Университѕ, Њасхингон).

Оваа дефиниција најдобро ја отсликува природата на социјалниот капитал, односно укажува дека тоа е всушност енергијата што не движи како поединци да заедно со другите луѓе направиме заедничка активност.

Ако се направи споредба со човечкиот капитал што значи: колку поединецот знае и умее (знаење, вештини, искуство и обука), социјалниот капитал се однесува на големината и различноста на личните и професионалните релации на поединецот.

Основната премиса на социјалниот капитал е дека вмрежувањето и работата во мрежа се многу значајни за успех. Поточно, социјалниот капитал се однесува на колективните вредности на сите “социјални мрежи” и на релациите кои се создаваат при правењето на заеднички работи во мрежата. Социјалниот капитал значи нешто многу повеќе од убаво и топло чувство на пријателство и заедништво, тоа е уште доверба, реципроцитет, информации и соработка во мрежата, како и процес низ кој се креираат норми и вредности.

Терминот “социјален” значи дека ресурсите не се во сопственост на едно лице и дека тие можат да се најдат внатре во мрежата, во меѓусебните релации на луѓето.

Терминот”капитал” значи дека станува збор за нешто продуктивно, што исто како и финансискиот капитал овозможува да се создаваат вредности, да се работи и да се постигнуваат лични и организациски цели.

Социјалниот капитал овозможува да се подобри ефикасноста на поединецот, семејството, организацијата, заедницата, граѓанското општество преку фацилитација на координирани активности.

Каде може да го видиме социјалниот капитал?
Кога соседите неформално ја чуваат куќата на својот сосед кој е отсутен; кога во некоја заедница луѓето ќе се договорат и ќе направат водовод; кога се разменуваат е-маил пораки меѓу членовите на група за поддршка на болни од рак; -сето тоа е социјалниот капитал на дело.

Социјалниот капитал можеме да го најдеме меѓу група пријатели, во соседството, црквите, училиштата, клубовите, граѓанските организации, па дури и во кафеаните. Мотото на познатото кафуле од ТВ серијата “Наздравје” е :”Каде секој го знае твоето име”,. Оваа реченица во најдобро светло го отсликува најважниот аспект на социјалниот капитал. (според Роберт Путнам, Боњлинг алоне, 1995).

Што се постигнува со социјалниот капитал?
За индивидуата социјалниот капитал овозможува посреќен личен живот, поефикасно извршување на работните задачи, можности за подобро и посдржајно работно место, повисока плата.

За организацијата социјалниот капитал овозможува размена на добри идеи и користење на добрите практики на организацијата, полесен пристап до финансискиот и материјалниот капитал, лојалност на вработените, поефективни стратегии за здружување со други организации.

За заедницата преку социјалниот капитал може да се влијае на намалување на проблемите (на пр. насилството) преку зајакнување на вредностите и нормите на однесување, подобрување на инфраструктурата, зголемување на бизнис можностите преку обезбедување пристап до кредити и грантови.

Социјалниот капитал, неформалните релации и довербата која ги обединува луѓето да преземаат активности е основа за успехот на секој поединец и организација. Социјалниот капитал треба да се негува и да се развива, на индивидуално и на организациско ниво, како и на ниво на заедницата.

Ако концептот на социјалниот капитал се прифати во секојдневието и се вклопи во однесувањето на секој поединец во професионалниот и личниот живот, со сигурност доведува до развој и благостојба на заедницата.